Тешка сообраќајна несреќа што се случила во саботата навечер на крстосницата меѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“ во Скопје, одзеде живот на 19-годишно момче.
Според соопштението на Министерството за внатрешни работи (МВР), несреќата била пријавена во 22:21 часот. Во неа учествувале патничко моторно возило „Ауди А4“ и два мотоцикли.
Како последица на силниот судир, со тешки телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот „БМВ“, М.Ф. (19) од Скопје. Младиот скопјанец итно бил пренесен во болница за укажување медицинска помош, но за жал, набрзо им подлегнал на повредите здобиени во несреќата.
Полицијата извршила увид на местото на настанот за да ги утврди точните причини кои довеле до оваа голема трагедија.