Владата постигна заеднички компромис со сите засегнати страни за новото законско решение со кое се регулира производството, дистрибуцијата и консумирањето на тутунските производи. Ова денеска го соопшти претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на средбата со претставниците на здруженијата, организациите, хотелиерите и претставниците од секторот ХоРеКа кои беа вклучени во овој процес.
Мицкоски истакна дека законот не е носен по принципот на сила, туку низ инклузивен процес на консултации со цел да се најде баланс, иако, како што нагласи, „не е можно сите да бидат подеднакво задоволни“.
„Мислам дека на крајот од целиот овој процес сите ние имаме по малку некое мало ограничено незадоволство, но сите сме среќни затоа што постигнавме заеднички компромис. Не постои идеално законско решение, но цениме дека ова во голема мерка ги регулира односите во општеството. Наша клучна политика е да се бориме што помалку луѓе да консумираат тутун“, изјави премиерот Мицкоски.
Законот на владина седница во вторник
Како што информираше премиерот, министерот за здравство го известил дека новиот закон веќе следната недела, во вторник, ќе биде ставен на владина седница каде што ќе биде продискутиран од страна на министрите, по што се очекува негово брзо донесување.
Мицкоски упати благодарност до министерот за здравство, до својот кабинет и до сите бизнис-заедници и здруженија за нивната конструктивност при подготовката на текстот.
Ригорозни инспекции без „пардон“ и повластени региони
Премиерот упати сериозно предупредување до сите економски оператори и граѓани дека Владата ќе инсистира на доследна примена на законот, за разлика од минатото кога слични решенија не се почитувале.
„Верувајте ми, инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија на државата. Нема да има повластени региони, градови или населени места каде што нема да се почитува законот. За ова јас ви гарантирам и тука ќе нема никаков пардон“, дециден е Мицкоски.
Тој додаде дека никој не треба да се потпира на врски или блискост со власта за да ги избегне казните.
„Можете еднаш да поминете неказнети ако не ве фатиме, па дури и вторпат, но третиот пат сигурно ќе бидете фатени и санкционирани“, порача тој.
Здравјето на граѓаните пред политичката репутација
Одговарајќи на критиките дека некои законски решенија можат да ѝ наштетат на политичката репутација на Владата, Мицкоски потенцираше дека приоритет останува заштитата на човечките животи. Како пример го посочи проектот „Безбеден град“, кој според неговите зборови, во првите четири месеци од годинава придонел за преполовување на бројот на жртви во сообраќајот на местата каде што е активен системот.
Владата очекува дека и доследната примена на овој нов закон за тутун ќе донесе видливи позитивни резултати за здравјето на граѓаните во државата.