Македонија

Мечка нападна стадо овци кај Крклино, една овца угината

Мечка нападна стадо овци кај Крклино, една овца угината

Мечка утрово нападнала стадо овци во атарот на битолското село Крклино, при што една овца настрадала. Информацијата ја соопшти градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој посочи дека настанот бил пријавен околу 9:30 часот.

Според информациите, нападот се случил под манастирот во близина на каналот на хидросистемот Стрежево. Сопственикот на стадото веднаш го пријавил случајот во СВР Битола, по што полициска екипа излегла на терен, извршила увид и го документирала настанот.

Коњановски информираше дека за случајот биле известени и Центар за управување со кризи, како и инспектор за лов при Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

„Ќе биде испратен допис до Министерството за земјоделие и Министерството за животна средина, кои се надлежни за постапување во вакви ситуации, со цел да се преземат соодветни мерки“, наведува Коњановски.

Од локалната самоуправа потсетуваат дека мечката е животински вид кој е законски заштитен, поради што сите понатамошни активности ќе се спроведуваат во координација со надлежните институции.

Надлежните засега не соопштуваат дали станува збор за изолиран случај или за мечка која подолг период се движи во овој регион. Се очекуваат дополнителни информации по завршувањето на постапките и проценките на стручните служби.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни