Голема измама на потрошувачите откри Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по спроведените вонредни инспекциски контроли во поголемите синџири маркети низ земјава. Официјалните ветеринари подигнале вкупно 91 мостра од млеко, млечни производи и сувомеснати производи (од домашно производство и од увоз) за да утврдат дали нивниот реален квалитет соодветствува со она што е напишано на декларациите.
Првичните резултати за млечните производи се поразителни: кај голем дел од операторите е откриено сериозно мамење на купувачите преку вештачко „осиромашување“ на производите и користење евтини растителни замени.
Од лабораториски анализираните 45 мостри од млеко и млечни производи, дури кај 10 оператори со храна е утврдено дека производите не одговараат на Правилникот за квалитет. Наместо ветената хранлива вредност, во овие производи бил изменет соодносот на мастите во корист на водата и евтините суровини.
Најдрастичниот пример е откриен кај еден производител, каде при тестирање на мостра од ситно сирење било утврдено дека на декларацијата пишувало 20% млечна маст, а реално производот содржел само 1 процент млечна маст! Станува збор за класично „продавање магла и вода“ спакувано како млечен производ. За овој прекршок, на операторот му е изречена парична казна од 3.500 евра, а запленети се 22 килограми од спорното сирење.
Поради слични отстапки и лажирање на процентот на млечни масти, уште осум други оператори (производители и увозници) заработија казни од по 1.050 евра за измама на потрошувачите.
Дека на пазарот свесно се подметнуваат нелегални замени, потврдува и уште еден фатен оператор кој во производството на млечни производи користел растителни (палмини) масти. Овој производител е казнет со 1.300 евра, а фалсификуваниот млечен производ во вкупна тежина од 500 килограми е итно повлечен од промет и нештетно уништен на депонија.
Од АХВ најавуваат дека засилените инспекциски контроли ќе продолжат со уште поголем интензитет и во наредниот период, а во меѓувреме се чекаат и резултатите од тестирањата на сувомеснатите производи.
Што е палмино масло и зошто е штетно?
Палминото масло е вид на растително масло кое се добива од плодовите на маслените палми. Поради неговата исклучително ниска цена и цврста текстура на собна температура, прехранбената индустрија масовно го користи како евтина замена за млечните и животинските масти во производи како сирења, кашкавали, чоколади и кондиторски производи. Кога се додава во млечните производи, тоа служи за да го зголеми волуменот и тежината на производот со минимални трошоци за производителот.
Зошто е штетно?
- Висок ризик за срцето и крвните садови: Палминото масло е преполно со заситени масни киселини (особено палмитинска киселина). Нивното често конзумирање драстично го зголемува нивото на лошиот холестерол (LDL) во крвта, што води до затнување на артериите, зголемен крвен притисок и зголемен ризик од срцев и мозочен удар.
- Потенцијално канцерогено при термичка обработка: Кога палминото масло се рафинира на високи температури (над 200°C) за да се отстранат неговиот специфичен мирис и боја, во него се создаваат токсични материи (глицидилни масни естери). Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) ги класифицира овие соединенија како потенцијално канцерогени и генотоксични (штетни за ДНК-та).
- Опасност од дебелеење и метаболички нарушувања: Ова масло има висока калориска вредност, а телото тешко го преработува. Долготрајната конзумација го оптоварува црниот дроб (придонесува за појава на тнр. „масен црн дроб“) и може да развие отпорност на инсулин, што е предвесни за дијабетес тип 2.