Цените на природниот гас во Европа повторно бележат силен раст, при што достигнаа највисоко ниво од крајот на 2022 година. Новиот скок на цените е поврзан со зголемената загриженост околу снабдувањето од регионот на Персискиот Залив и неизвесноста околу комерцијалниот сообраќај низ Ормускиот Теснец.
До попладневните часови, гасот за испорака во октомври на холандската берза TTF се тргуваше по цена од 83,71 евро за мегават-час, што е највисоко ниво од втората половина на декември 2022 година. Во однос на петочната цена на затворање, тоа претставува раст од 5,26 отсто.
Инвеститорите реагираа на одложувањето на состанокот на министрите за надворешни работи од земјите на Персискиот Залив, на кој требало да се разговара за комерцијалниот транзит низ Ормускиот Теснец.
Оманскиот министер за надворешни работи Бадр ал-Бусаиди кон крајот на минатата недела соопшти дека состанокот е одложен. Според извештаите, Техеран и Мускат требало да претстават нацрт-договор за регулирање на пловидбата низ теснецот.
Дополнителна загриженост предизвикува и намалениот број на комерцијални пловни објекти што го напуштиле Персискиот Залив. Според прелиминарните податоци за поморскиот сообраќај, во текот на викендот низ Ормускиот Теснец поминале само четири комерцијални пловни објекти. Во претходните десет дена, просекот изнесувал 14 пловни објекти дневно.
Пред почетокот на војната на САД против Иран кон крајот на февруари, низ Ормускиот Теснец дневно минувале во просек 125 комерцијални пловни објекти, меѓу кои танкери за нафта и за течен природен гас (ЛНГ).
Во меѓувреме, европските земји продолжуваат да ги полнат складиштата со природен гас пред почетокот на грејната сезона. Според податоците на „Gas Infrastructure Europe“ (GIE), складиштата на ниво на Европската Унија во неделата биле пополнети 68,04 отсто.
За споредба, во истиот период минатата година пополнетоста изнесувала 80,12 отсто, што покажува дека Европа оваа година влегува во сезоната на греење со пониски залихи.
Во Хрватска, складиштата за гас биле пополнети 79,80 отсто, додека на истиот ден во 2025 година нивото на пополнетост изнесувало 85,05 отсто.