Свет

Трамп: Украина и Русија се согласија, повеќе нема да ги напаѓаат енергетските објекти

Трамп: Украина и Русија се согласија, повеќе нема да ги напаѓаат енергетските објекти

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Украина и Русија постигнале договор според кој повеќе нема да ги напаѓаат енергетските објекти.

„Украина се согласи дека нема да ги напаѓа руските енергетски објекти. Русија се согласи да го направи истото! Растот на цените на дизелот во светот главно е предизвикан од војната меѓу Русија и Украина, а не од Иран“, напиша Трамп на „Трут соушал“.

Трамп го обвинува Зеленски за недостигот на дизел

Објавата на Трамп уследи еден ден откако тој го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да престане со нападите врз руските капацитети за производство на дизел.

Украина со месеци интензивно ја напаѓа руската инфраструктура за производство на гориво, со што значително ги намали капацитетите на руските рафинерии и предизвика широко распространет недостиг. Како одговор, Русија забрани извоз на дизел, а станува збор за вториот најголем извозник на дизел во светот, веднаш зад САД.

„Господинот Зеленски мора да направи една работа. Мора да престане да го уништува производството на дизел во Русија бидејќи со тоа предизвикува недостиг на дизел“, изјави Трамп за време на официјалната посета на Ирска.

Цената на дизелот, клучното гориво за камиони, возови, трактори и бродови, во САД во петокот за првпат во историјата надмина шест долари за галон, според податоците на Американската автомобилска асоцијација (ААА).

Растат и цените на нафтата

Во меѓувреме, цените на нафтата на светскиот пазар надминаа 108 долари за барел поради војната на Блискиот Исток. Снабдувањето дополнително е ограничено поради конфликтот во Ормускиот Теснец, низ кој претходно минувала приближно една петтина од светското снабдување со нафта, додека САД и Иран се борат за контрола над овој клучен пловен пат.

Во меѓувреме, во петокот беше запрена работата на саудискиот нафтовод Исток-Запад, главната алтернативна рута преку која оваа земја богата со нафта го извезува енергенсот преку Црвеното Море. До прекинот дошло по напад со дронови лансирани од Ирак, што дополнително ја отежнало ситуацијата.

Сепак, Трамп тврди дека растот на цените на дизелот не е „предизвикан од Блискиот Исток“, туку го припиша на „она што се случува во Русија и Украина“.

Украина, чија енергетска инфраструктура исто така повеќепати беше цел на руски напади, тврди дека рафинериите се легитимни цели бидејќи со нивните напади Москва се лишува од финансиски средства и се намалува домашната поддршка за војната.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни