Дваесетина ученици и еден наставник од Основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ во скопската општина Кисела Вода побарале лекарска помош поради симптоми како гадење, повраќање и дијареја, што отвори сомнежи дали станува збор за труење со храна или за вирусно заболување.
Според информациите од здравствените установи, околу 15 деца биле прегледани на Детската клиника до вчера. Најголемиот дел од нив имале полесна клиничка слика и биле пуштени на домашно лекување. Само едно дете било задржано на болнички третман, но по стабилизирање на состојбата денеска е пуштено дома.
Од Клиниката за инфективни болести информираат дека биле прегледани четири деца и едно возрасно лице со симптоми на повраќање и дијареја. Кај ниту еден од пациентите не била утврдена потреба од болничко лекување.
Според првичните епидемиолошки анкети, досега не е утврдена заедничка консумација на храна кај сите заболени, поради што здравствените власти не сакаат да шпекулираат за причините додека траат проверките.
Загриженост изразија и родителите. Еден од нив навел дека неговото дете било земено од училиштето уште претпладне поради повраќање и очекува надлежните институции да ги утврдат причините за појавата на симптомите.
Од Општина Кисела Вода соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата и дека учениците кои пријавиле симптоми се од различни возрасни групи. Според првичните информации со кои располага општината, тие не консумирале иста храна во текот на денот, а дел од нив оброците ги имале надвор од училишниот објект.
Општината информира дека веднаш биле известени Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје и најави дека ќе постапува согласно нивните препораки и насоки.
Сепак, директорите на Центарот за јавно здравје – Скопје и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат изјавиле дека до моментот на нивните институции официјално не им бил пријавен случајот.
Надлежните институции продолжуваат со проверките за да утврдат дали станува збор за труење со храна или за вирусна инфекција.