Од утре официјално стапува на сила новиот сообраќаен режим на улиците кои водат кон подземната сообраќајница под комплексот згради на „Лимак“, со оглед на тоа што градежните работи за проширување се во завршна фаза.
Проектот, кој во првата фаза чини 1,2 милиони евра (77 милиони денари), го изведува скопската фирма „Ленди груп“.

Со цел да се овозможи функционален влез во подземната сообраќајница, протокот на возила во овој дел од градот претрпува сериозни измени:
- Промени кај кафеана „Ив“ (кон Кисела Вода и Аеродром): Од утре, сообраќајот од Јужен булевар кон Кисела Вода ќе се одвива по улицата што минува кај кафеаната „Ив“. Оваа траса станува еднонасочна, а на неа ќе биде поставен нов семафор за лево вртење, кој ќе овозможи приклучување на улицата „Есенинова“ кон Општина Аеродром. Од Град Скопје најавуваат дека на овој потег е предвидена и изградба на натпатник.

- Промени кај Пазарна инспекција (кон Тутунски комбинат): Улицата што минува покрај објектите на Пазарната инспекција и води кон Тутунски комбинат веќе е еднонасочна, но во спротивен правец. Тоа значи дека од утре и дефинитивно повеќе нема да може од Јужен булевар да се врти лево кон Аеродром и Тутунски комбинат. Наместо тоа, возилата ќе се движат обратно – од Тутунски комбинат кон Јужен булевар за директен влез во подземната улица.
Како дел од овие инфраструктурни промени, веќе е извршено стеснување на крстосницата на улицата „11 Октомври“ на потегот од Центар кон Кисела Вода и Тутунски комбинат. Наместо досегашните три ленти, со изведба на нова жардиниера, коловозот сега е намален на две сообраќајни ленти.