Дали Јавното обвинителство води предистражна постапка за случувањата поврзани со „Алта банка“? Државниот јавен обвинител Ненад Савески не откри дали е оформен предмет, ниту дали се преземаат предистражни дејствија, повикувајќи се на законската обврска за тајност на предистражната постапка.
На надзорната расправа во Собранието, посветена на случајот со „Алта банка“, Савески порача дека Обвинителството е должно да реагира секогаш кога ќе утврди постоење елементи на кривично дело, без оглед на тоа кој бара постапување и за кого станува збор.
„Без оглед кој го повикува Јавното обвинителство да постапи во конкретна ситуација, Обвинителството постапува секогаш кога ќе детектира дека постои кривично-правен настан“, истакна Савески.
Одговарајќи на прашањето на пратеникот Миле Талески дали е отворен предмет за банката, Савески избегна конкретен одговор, нагласувајќи дека не смее да открива информации за евентуална предистражна постапка.
„Не споменав ниту дали има, ниту дали нема истрага. А доколку има или нема предистрага, за тоа не можам да зборувам бидејќи предистражната постапка е тајна и тоа е моја законска обврска“, рече Савески.
На расправата беше отворено и прашањето за евентуална кривична одговорност на премиерот Христијан Мицкоски поради наводно давање лажен исказ. Савески посочи дека обвинителските одлуки не се носат врз основа на политички повици, туку врз основа на докази и законски утврдени процедури.
Тој ги повика сите што располагаат со докази за евентуално сторено кривично дело, без оглед на тоа кој е осомничен, да ги достават до надлежното обвинителство.
„Доколку имате докази за какво било сторено кривично дело од кого било, доставете ги до надлежното јавно обвинителство“, нагласи Савески.
Во фокусот на пратеничките прашања се најдоа и јавните настапи на претставници на СДСМ, како и можноста за кривична одговорност поради ширење информации што би можеле да влијаат врз стабилноста на банкарскиот сектор.
Савески оцени дека лажните вести претставуваат сериозен општествен проблем, но нагласи дека во актуелниот Кривичен законик не постои посебна кривично-правна заштита за таквите случаи. Тој посочи дека разграничувањето меѓу слободата на изразување и евентуалната кривична одговорност мора да се прави врз основа на законските одредби.
Државниот јавен обвинител повтори дека никој не смее да биде над законот и дека секое утврдено кривично дело што се гони по службена должност бара постапување од обвинителството.
Продолжението на надзорната расправа за „Алта банка“ ќе биде закажано дополнително, а Комисијата за финансирање и буџет треба да го утврди и распоредот на следните искази.