Свет

Најмалку 55 лица загинаа во катастрофална експлозија во Мјанмар

Најмалку 55 лица загинаа во катастрофална експлозија во Мјанмар

Во разорна експлозија во село под контрола на бунтовниците во Мјанмар загинале најмалку 55 лица, а десетици други се повредени.

Извор запознаен со ситуацијата во селото Каунг Тат, во државата Шан во близина на границата со Кина, потврдил дека меѓу загинатите има 25 жени и 30 мажи, иако други извештаи наведуваат малку поинакви бројки, пренесува Би-Би-Си.

Национална ослободителна армија Таанг (TNLA), која го контролира подрачјето и се бори против воената хунта, соопштила дека дошло до детонација на експлозив што се користел во рударството и каменоломите. Огромен облак од чад се издигнал над селото кратко по експлозијата што се случила во неделата.

Според соопштението на TNLA, пренесено од агенцијата АФП, „случајната експлозија“ се случила околу пладне по локално време. „Во експлозијата многу жители ги загубија животите, други беа повредени, а нивните домови се оштетени“, соопштила групата, без да наведе дополнителни детали.

Сцени на уништување

Снимките од местото на настанот прикажуваат огромен кратер и урнатини опкружени со уништени објекти. Од јагленисаните остатоци и уништените дрвја сè уште се издигал чад. Жителите опишуваат сцени на пустош и збунетост.

Еден од нив на социјалните мрежи напишал дека многумина првично мислеле оти експлозијата била предизвикана од воздушен напад. Според неговата објава, меѓу загинатите има и деца, а оштетени се стотици куќи, поради што речиси цела населба е уништена.

„Само по чиста среќа мобилниот телефон ми го спаси животот“, напишал еден жител. „Седев во спалната соба, јадев тестенини и гледав во телефонот. Да бев во кујната, денес веројатно немаше да бидам жив.“

Една жителка, која се здобила со полесна повреда на ногата и чиј дом бил уништен, ги опишала сцените на паника и тага.

„Луѓето плачеа и ги повикуваа своите родители. Изгледаше како крај на светот“, напишала таа. Таа прашала зошто складиште со експлозив било дозволено да работи во близина на станбени области, додавајќи дека семејствата на загинатите нема да бидат задоволни доколку властите не дадат целосно објаснување.

Финансирање на бунтовниците

TNLA е една од најмоќните етнички вооружени групи што се спротивставуваат на воената хунта во Мјанмар, поранешна Бурма. Според агенцијата АФП, многу бунтовнички групи во земјата се финансираат преку експлоатација на вредни минерали, а поради слабите безбедносни мерки, чести се уривања на рудници и други несреќи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни