Македонија

Отворен Центар за третман на дебелина кај деца на Детската клиника

Отворен Центар за третман на дебелина кај деца на Детската клиника

Загрижувачките податоци за растечкиот број деца со прекумерна телесна тежина и дебелина во земјава доведоа до отворање на првиот специјализиран Центар за менаџирање и третман на обезност кај деца при Универзитетската клиника за детски болести.

Центарот денеска го посети министерот за здравство Азир Алиу, кој истакна дека станува збор за значаен чекор во унапредувањето на здравствената заштита на најмладите пациенти.

Според податоците на Институтот за јавно здравје и Клиниката за детски болести, повеќе од 30 проценти од децата на возраст од 6 до 9 години имаат зголемена телесна тежина, додека речиси 14 проценти се соочуваат со екстремна дебелина.

„Отворањето на овој центар претставува исклучително важен и долгоочекуван чекор во нашиот здравствен систем. Детската дебелина не е само естетски или нутриционистички проблем, туку комплексна состојба која бара ран и мултидисциплинарен пристап“, изјави Алиу.

Тој појасни дека во Центарот ќе работи тим составен од педијатри-ендокринолози, нутриционисти, психолози и физијатри, кои заеднички ќе работат со децата и нивните семејства за навремено откривање и третман на проблемот.

Пристапот до услугите ќе се реализира преку системот „Мој Термин“. Матичните лекари и педијатри ќе ги упатуваат пациентите кај кои ќе биде утврдена потреба од дополнителни специјалистички испитувања и третман.

Во рамки на Центарот ќе се спроведуваат молекуларно-генетски, хормонални и метаболички анализи со цел да се утврдат причините за обезноста и да се подготви индивидуален план за лекување за секое дете.

Од Министерството за здравство посочуваат дека навремениот третман на дебелината може да спречи сериозни здравствени последици во подоцнежниот живот, меѓу кои дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања, висок крвен притисок, ортопедски проблеми и психолошки потешкотии.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни