Лесно и е на оваа власт со бугарски пасоши и со пари од тендери да глумат патриоти, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес- конференција. Филипче нагласи дека Владата на Мицкоски зад патриотската реторика сака да го сокрие грабежот на народните пари и личните интереси, додека граѓаните се оставени сами без поддршка, без никаква перспектива и без подобар животен стандард.
„Лесно ѝ е на оваа власт, со пари од партиски тендери, пари на граѓаните, кои што секојдневно ги грабаат и со бугарски пасоши во џебовите. Сè лажат луѓето. Лажат за да може да крадат. Ќе следува одговорност. Но, граѓаните и следните генерации тоа не го заслужуваат. Сакаат реформи, сакаат систем, сакаат можности, граѓаните сакаат и заслужуваат подобар квалитет на живот“, рече Филипче.
Тој додаде дека Владата нема ниту политичко ниту морално право да го блокира европскиот пат на државата и да им ја одзема европската перспектива на младите генерации, и повторно ја повика Владата да распише референдум.
„Распишете референдум и час поскоро продолжете го европскиот пат, затоа што немате право, никакво, ни политичко, ни морално, ова да го правите на Македонија и на генерациите кои што со години чекаат да се случи европската приказна, посебно на новите и младите генерации, кои ако не го направите чекорот кој што не е никаков ризик по нашиот идентитет и јазик, едноставно од тука ќе се иселуваат во сè поголем број“, рече Филипче.
Притоа, Филипче нагласи дека една од целите за формирање на „Фронтот за слобода и правда“ е да се стави крај криминалните политики на власта, а државата да има европска иднина.
„И затоа повикав на формирање и окрупнување на Фронтот, за правда и вистина. Политички партии, граѓански организации, интелектуалци, луѓе што ја сакаат државата и што сакаат децата да имаат иднина овде во Македонија да се приклучат. Затоа што тоа е единствениот пат напред. Затоа што оваа криминална власт мора да замине. Затоа што освен што лаже и граба народни пари преку партиски фирми и партиски тендери, друго ништо не ја интересира“, рече Филипче.