Македонија

Рокас: Соработката со Западен Балкан е клучна за енергетската безбедност на Европа

Рокас: Соработката со Западен Балкан е клучна за енергетската безбедност на Европа

Европската Унија е силно фокусирана на имплементација на енергетските планови и остварување на зацртаните таргети. Во овој контекст, сакам да ѝ честитам на Северна Македонија за усвојувањето на Енергетската стратегија и Акциониот план, како и за напредокот постигнат на полето на праведната транзиција. Ова го изјави евроамбасадорот Михалис Рокас во своето обраќање на Регионалниот форум за клима, енергетска транзиција и одржлив развој во Западен Балкан – МЕФ 2026.

Според Рокас, овие реформи, кои стануваат применливи преку рамката на Енергетската заедница, засилено ќе го обликуваат патот на земјата кон пристапувањето во ЕУ. Тој потенцираше дека за Северна Македонија приоритет останува усвојувањето на законодавството за обновливи извори на енергија, како и заштитата на ранливите категории граѓани.

„Нема сомнеж дека мора одлучно да одговориме на предизвиците со енергетската безбедност со кои се соочуваат регионот и Европа. За нас, климатската транзиција и енергетиката се нераскинливо поврзани и нужни, меѓу другото, и поради оскудните енергетски ресурси со кои располага Европа“, истакна Рокас.

Евроамбасадорот додаде дека европскиот пејзаж трпи огромни промени поради новите геополитички и стратешки околности, што директно ги менува енергетските перспективи.

„Поради тоа, соработката со нашите партнери од Западен Балкан е поважна од кога било претходно. ЕУ ги засили напорите за постигнување независност од одредени фосилни горива. Овие мерки, заедно со инвестициите во прекуграничната инфраструктура и регионалното поврзување, значително ќе ја подобрат нашата заедничка енергетска безбедност и сигурност“, заклучи тој.

Форумот МЕФ 2026 се одржува под мотото „Унапредување на климатската отпорност и енергетската транзиција на патот кон COP31“. Настанот е организиран во партнерство со Делегацијата на ЕУ во Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, етаблирајќи се како една од најзначајните регионални платформи за климатска дипломатија во Југоисточна Европа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни