Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари средба со вршителот на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнес.
На средбата, како што информира Муцунски, било изразено задоволство од досегашниот развој на билатералните односи и стратешкото партнерство меѓу двете држави, како и подготвеност за нивно понатамошно продлабочување во повеќе области од заемен интерес.
Во разговорите биле разменети мислења за актуелните меѓународни и регионални случувања, состојбите во рамки на НАТО и безбедносните предизвици, при што било потврдено значењето на американско-македонското стратешко партнерство и сојузништвото во Алијансата како клучни фактори за стабилност и безбедност.
Се разговарало и за реформските процеси во земјата, вклучително реформите во правосудството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и за реализацијата на инфраструктурните проекти.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и билатералните односи, продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, како и зајакнување на партнерството во НАТО Алијансата.