Македонија

ССМ: Македонија меѓу најлошите држави за работниците

ССМ: Македонија меѓу најлошите држави за работниците

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) објави на социјалните мрежи став во кој се повикува на најновиот извештај на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC) – Индекс за глобални права за 2026 година, во кој, според нивното толкување, државата е рангирана меѓу земјите со сериозни предизвици во однос на работничките права.

Во објавата се наведува дека Македонија е рангирана на 4-тото место на листата на земји со систематско прекршување на работничките права, што ја става во групата држави со најлоши оценки за положбата на работниците, веднаш пред најниско рангираните земји каде, како што се наведува, работничките права речиси и да не се гарантирани.

ССМ во објавата посочува дека во извештајот се нотирани случаи на притисоци врз синдикални претставници, ограничување на синдикалното организирање и појава на таканаречени „жолти синдикати“, за кои тврдат дека функционираат под влијание на работодавачи или политички структури.

Дополнително, синдикатот се повикува на настани од изминатите години, вклучително и синдикални протести за повисоки плати, при што, како што се наведува во нивната објава, биле забележани притисоци и нарушување на приватноста на синдикални претставници, што според нив претставува сериозен удар врз синдикалното движење.

ССМ оценува дека ваквите состојби се одразуваат и во меѓународните извештаи и предупредува дека без итни промени постои ризик од дополнително влошување на правата и положбата на работниците во земјата.

Од синдикатот додаваат дека ќе продолжат со активностите како дел од Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC), нагласувајќи дека нивната цел останува заштита на работничките права и подобрување на условите за работа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни