Свет

Можно засилување на Ел Нињо – климатско предупредување за глобални последици

Можно засилување на Ел Нињо – климатско предупредување за глобални последици

Метеоролошката агенција на Обединетите нации предупредува дека во наредните месеци постои можност за развој на умерен до силен Ел Нињо феномен, кој може да предизвика значително зголемување на глобалните температури и појава на поекстремни временски услови ширум светот.

Според Светската метеоролошка организација (СМО), Ел Нињо претставува периодично затоплување на површинските води во централниот и источниот дел на Тихиот Океан, кое обично трае меѓу девет и 12 месеци. Организацијата наведува дека актуелните океански услови веќе укажуваат на негово засилување.

Се очекува овој климатски феномен да донесе температури над просекот во голем дел од светот во периодот од јуни до август, а неговото влијание би можело да се почувствува сè до ноември.

„Треба да се подготвиме за потенцијално силен Ел Нињо кој ќе ги влоши сушите, но исто така ќе донесе обилни дождови и ќе го зголеми ризикот од топлотни бранови и на копно и на океан“, изјави генералниот секретар на СМО, Андреа Селесте Сауло.

Од организацијата дополнуваат дека под површината на тропскиот Пацифик се забележани исклучително високи температури, кои во одредени делови надминуваат шест степени Целзиусови над просекот, создавајќи голем топлински резервоар што го поттикнува затоплувањето.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека светот мора сериозно да го сфати ова климатско предупредување и повика на забрзана транзиција од фосилни горива кон обновливи извори на енергија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни