Македонија

Во Македонија нема можност за групни тужби за неквалитетни производи

Во Македонија нема можност за групни тужби за неквалитетни производи

И покрај неодамнешните откритија на инспекциските служби за млечни производи кои не одговарале на декларираниот квалитет, македонското законодавство сè уште не овозможува покренување групни тужби од страна на потрошувачите.

Иако колективните тужби се дел од европската правна практика, ваква можност не е предвидена ниту во тековните измени на Законот за парнична постапка. Тоа значи дека секој граѓанин кој смета дека е оштетен мора самостојно да поднесе тужба и да приложи доказ, како што е фискална сметка за купениот производ.

Според информациите, доколку постојат илјадници оштетени потрошувачи, единствениот законски пат би бил секој од нив поединечно да бара правда пред судовите, што би можело дополнително да го оптовари граѓанскиот судски систем.

Адвокатот Горан Нациќ во изјава за Телма посочува дека во ситуации кога постои ризик по безбедноста и здравјето на граѓаните, институциите треба навремено и јасно да ја информираат јавноста за производите што не треба да се купуваат или консумираат.

Според него, заштитата на потрошувачите не треба да се сведува само на индивидуални судски постапки, туку и на ефикасно информирање и превентивно дејствување од страна на надлежните органи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни