Македонија

Марковски со алармантно предупредување: Со неодговорност и импровизации во градењето, инженерите можат да бидат масовни убици!

Марковски со алармантно предупредување: Со неодговорност и импровизации во градењето, инженерите можат да бидат масовни убици!

Вината за одложувањето на побезбедните градежни стандарди и за падот на квалитетот во градежништвото не треба да се бара кај политичарите, туку кај самите инженери. Трката по профит, алчноста и неказнивоста доведоа до исчезнување на свеста и совеста, а загрижувачки е што во Македонија сè уште се користат прописи од далечната 1948 година. Ова се сериозните критики што ги упати професорот Горан Марковски од Градежниот факултет при УКИМ во продолжението од гостувањето во „Ноќно студио“ на „4ТВ“.

Иако вообичаено политичарите се дежурни виновници за сè, професорот Марковски е дециден дека во градежниот сектор одговорноста паѓа врз самите инженери, каде што, за жал, постои сериозен отпор – особено кај помладите – за преминување кон новите европски стандарди (еврокодови).

„Постои страхотен страв од учење на нешто ново. Нешто сте научиле, сте го извежбале, сте го свеле на ниво на занает и сега терате така. Сè уште во нашето проектирање користиме стандарди кои се наречени ‘привремени технички стандарди’ од 1948 година! Доволно е само тоа да го знаеме. Еврокодовите се многу посовремени прописи, каде што заштитата од земјотреси е на далеку повисоко ниво. Сеизмичките сили кои се пресметуваат според нив се повисоки од оние со кои ние денес ги пресметуваме зградите во Скопје и Македонија. Заклучокот сам се наметнува: ние проектираме објекти кои се помалку сигурни од оние во земјите каде што се користат еврокодовите“, вели Марковски, објаснувајќи дека уште во 2020 година било донесено решение за нивна паралелна примена, но под притисок на струката, целосната имплементација се одлага секоја година.

Професорот лоцира дека коренот на проблемот со губењето на чувството за одговорност лежи во материјализацијата на секојдневието и трката по брза заработка, поткрепени со амбиентот на неказнивост во општеството каде што „секој мисли дека сè ќе помине така“. Новите генерации го немаат преживеано скопскиот земјотрес и ја немаат почувствувано таа природна сила, поради што Марковски испраќа моќна порака до своите студенти и колеги.

„Потписот на проектантот, на ревидентот, на изведувачот има огромна тежина. Ние можеме да бидеме масовни убици со нашата неодговорност, незнаење, нестручност и со импровизациите. Ако лекарот со своето незнаење и импровизација може да уништи неколку животи, ние можеме да уништиме илјадници животи! Тоа мора секој инженер да го носи во себе и, ако треба, три пати да го погледне проектот“, предупредува тој.

Според Марковски, воведувањето на строга внатрешна контрола во проектантските куќи бара дополнителни работни часови, што чини пари, но тоа е единствениот начин да се подигне цената на инженерскиот труд и да се елиминира нелојалната конкуренција. На пазарот не смее да владее логиката „никогаш не можеш да ме платиш толку малку, колку што јас малку можам да работам“, бидејќи тоа ги доведе проектите на рекордно ниско ниво.

Иако Инженерската комора се избори за минимални цени за вреднување на проектите, професорот посочува дека тоа во пракса не функционира, освен во државните институции.

„За мене е дури малку потценувачки инженери да размислуваат за некаква ‘минимална’ вредност на својот труд. Не. Ние треба да правиме квалитетни дела кои ќе бидат соодветно платени, ама и нивниот квалитет мора да биде сообразен на цената која ќе се бара“, заклучува професорот Горан Марковски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни