Слушнавме дека Предлог законот за заштита од пушење поминал серија консултации на извршната власт со еснафските здруженија и претставниците од тутунската индустрија за да постигнат компромис. За разлика од овој пристап, за Предлог законот за игри на среќа, извршната власт постапува обратно и ги игнорира засегнатите страни, иако станува збор за економски сектор кој вкупно гледано е најголем приватен работодавец во Македонија. За жал, никој од надлежните не смета дека ние вработените кои секојдневно ја спроведуваме регулативата за игри на среќа треба да дадеме идеи и предлози за подобар закон.
Осум години сме заложници на различни политички структури кои си поигруваат со нашите судбини тогаш кога мислат дека може да печалат гласови преку жртвување на нашите работни места. Осум години живееме во грч, неизвесност, заедно со нашите семејства се тресеме дали ќе останеме на улица, со нецелосно исплатени кредити, со активирани хипотеки и со авионски карти за еден правец – иселување во странство.
Ние не сме гости во сопствената држава. Албанските дипломирани правници бараат да полагаат правосуден испит на мајчиниот јазик, на највисоко ниво веднаш им се ветува решение. Ние испраќаме писма, протестираме, нема никаков ефект. Власта треба да одговори, зошто игнорира над 10 илјади вработени во игрите на среќа? Дали причина за тоа е што 90 проценти од вработените сме Македонци кои можеби треба станеме жртви на политичко-етнички инженеринг? До кога легалните игри на среќа и вработените ќе страдаат заради негативната кампања на дежурните критичари, кои никогаш нема да преземат одговорност кога ќе се отворат играчници на црно по подруми каде младината ќе биде лесна цел?
Како здружение сме подготвени со сите демократски средства да го заштитиме нашето уставно загарантирано право на работа. Надлежните кои предлагаат затворање на легалните објекти за игри на среќа ни должат одговор каде ние да се вработиме, со поминати професионални обуки и работно искуство за приредување игри на среќа по највисоки светски и европски стандарди?
ЗДРУЖЕНИЕ НА ВРАБОТЕНИ ВО СЕКТОР ИГРИ НА СРЕЌА
„САКАМ ДА РАБОТАМ“