Македонија

Евроамбасадорот Рокас шокиран од депонијата во Струга: „Проблемот бара итна реакција, лоциран е премногу блиску до езерото и куќите“

Евроамбасадорот Рокас шокиран од депонијата во Струга: „Проблемот бара итна реакција, лоциран е премногу блиску до езерото и куќите“

Дивата депонија во Струга претставува сериозна и непосредна закана за Охридското Езеро, реката Црн Дрим и локалното население, а нејзиното дислоцирање бара итни мерки. Ова е клучниот заклучок по денешната посета на локацијата од страна на евроамбасадорот Михалис Рокас и струшкиот градоначалник Менди Ќура.

Евроамбасадорот Рокас не ја криеше својата загриженост од состојбата на теренот, нагласувајќи дека реалноста е многу полоша од она што го очекувал.

„Шокиран сум од големината на проблемот. Знаев дека депонијата не ги исполнува стандардите, но да се види дека е лоцирана на само неколку стотини метри од куќите, во непосредна близина на реката, водоснабдувањето и езерото, навистина е обесхрабрувачки. Како Европска Унија, ние поддржуваме долгорочно решение преку регионалниот центар за отпад во Новаци, но таму има доцнења, а Струга нема време за чекање“, изјави Рокас, ветувајќи дека веднаш ќе ги иницира овие разговори со централните власти.

Ќура уверува: Спречено е палењето на отпадот во текот на летото

Од друга страна, градоначалникот Менди Ќура призна дека состојбата со депонијата е непроменета, но уверува дека се преземаат чекори за да се спречат поголеми еколошки катастрофи во пресрет на туристичката сезона. Според него, ангажирана е приватна фирма која тековно ја одржува локацијата со цел да не се дозволи палење на сметот во летниот период.

Ќура додаде дека надежта за трајно решение останува во регионалниот проект во Новаци, за кој веќе се доделени средства, но динамиката на реализација мора да се забрза.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни