Шестгодишно дете го загуби животот во страшен пожар што денеска избувна во бањалучката населба Лауш, пренесуваат локалните медиуми.
Според првичните информации, пожарот се случил во Караѓорѓевата улица, во близина на маркетот „Шики“.
Пожарникарите пристигнале по дојава за заробени лица
Командантот на Пожарникарско-спасувачката бригада на Бања Лука, Мирослав Малиниќ, изјави за „Независне новине“ дека екипите реагирале веднаш по добивањето на повикот за помош.
„Во дојавата беше наведено дека избувнал пожар во куќа во која има заробени луѓе и тоа е сè што можам да кажам во моментов. Пожарникарите ја завршуваат интервенцијата и се враќаат во базата“, изјави Малиниќ.
Веднаш по пријавата, на местото на настанот излегле припадници на Пожарната бригада на Бања Лука, екипи на Брзата помош и силни полициски сили.
Надлежните органи во моментов вршат увид на терен за да се утврдат причините кои доведоа до оваа тешка трагедија.