Македонија

Николоски: За две години инвестирани 350 милиони евра во општинска инфраструктура

Николоски: За две години инвестирани 350 милиони евра во општинска инфраструктура
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „Ноќно студио“ на 4ТВ

Во изминатите две години реализирани се 350 милиони евра за развојни и инфраструктурни проекти во општините. Ова го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на работната средба во ЗЕЛС со градоначалниците и претставниците од Светска банка, каде што се разговараше за тековните и идните локални проекти.

Николоски потенцираше дека во соработка со Светска банка успешно се реализира капиталниот проект за изградба и рехабилитација на локални улици.

„Веќе реализиравме два повика во вкупна вредност од 350 милиони евра. Ако на тоа ги додадеме и директните проекти со поддршка на Светската банка, вредноста е далеку поголема. Во периодот од јуни 2024 до јуни 2026 година, склучени се договори вредни 25,3 милиони евра исклучиво за реконструкција на локални патишта“, изјави Николоски.

Билансот на терен: Реконструирани над 100 километри патишта

Министерот за транспорт презентираше и конкретни бројки за досегашниот ефект од градежната офанзива на локално ниво:

  • 96 улици се комплетно рехабилитирани.
  • 72 општини беа опфатени со овие градежни зафати.
  • 72 километри изнесува должината на веќе завршените патишта.
  • 31 километар патна мрежа е во фаза на активна реконструкција во овој момент.

Со ова, вкупната бројка на рехабилитирани, изградени или патишта кои моментно се градат со поддршка на Светска банка изнесува околу 103 километри.

Светска банка: Урбаната мобилност е клучна за економијата

Директорката на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Карол Межеван, на состанокот ја нагласи важноста на урбаната мобилност, нотирајќи дека земјата поминува низ интензивен процес на урбанизација.

„Околу 60% од населението во Северна Македонија живее во градовите, каде што е концентриран и најголемиот дел од економските активности. Затоа урбаната мобилност е сериозен предизвик. Ова не е само прашање на транспорт, туку прашање на тоа како граѓаните стигнуваат до работните места, здравството и образованието“, посочи Межеван.

Планови по мерка на граѓаните

Межеван изрази задоволство што инвестициите во локалната инфраструктура, покрај асфалтирање, опфатија и подобрување на безбедноста на пешаците, изградба на тротоари и сообраќајна сигнализација. Таа додаде дека за одржлив развој се потребни силни институции и добри политики.

„Особено е важно што плановите за одржлива урбана мобилност се подготвуваат ‘оддолу нагоре’ – преку слушање на реалните потреби на граѓаните и нивно преточување во конкретни решенија“, истакна таа.

Проектот поддржан од Светска банка наскоро завршува, а според официјалните информации, придобивки и директна корист од него имаа сите 80 општини во државата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни