Македонија

Аларм од СВР Штип: Лажни доктори повторно ги мамат пензионерите со измислени итни операции

Аларм од СВР Штип: Лажни доктори повторно ги мамат пензионерите со измислени итни операции

Секторот за внатрешни работи Штип упати сериозно предупредување до јавноста по забележаниот зголемен број пријави за кривични дела „измама“ и „обид за измама“. Како и во минатото, главна мета на криминалците се повозрасните граѓани.

Според полицијата, измамниците користат добро познато, но емотивно манипулативно сценарио за да извлечат пари од жртвите.

„Непознати лица од странски телефонски броеви им се јавуваат на повозрасни граѓани и ги доведуваат во заблуда со соопштение дека нивни блиски роднини, деца или внуци се тешко повредени. Измамниците тврдат дека е потребна итна операција и за тоа бараат големи суми на пари“, соопштуваат од СВР Штип.

Како да се заштитите?

Полицијата апелира до граѓаните да бидат максимално претпазливи и да не наседнуваат на вакви шокантни телефонски повици.

  • Проверете ги информациите: Пред да преземете било што, веднаш јавете се кај роднината за кој ви тврдат дека е повреден за да ја проверите вистинитоста на приказната.
  • Не давајте пари: Никогаш не им предавајте пари на непознати лица кои ви се претставуваат како посредници.
  • Пријавете веднаш: Доколку добиете ваков или сличен повик, веднаш пријавете во полиција на бесплатниот телефонски број 112.

Пресуда во Штип: Над 5 години затвор за измамник кој „олесна“ пензионери за 56.000 евра

Дека полицијата и судството строго ги казнуваат овие дела, покажува и најновиот случај од штипскиот Основен суд. На 20 мај годинава, на лицето П.С. од Охрид му беше изречена казна затвор од пет години и шест месеци.

Овој измамник, користејќи ја токму приказната за „лажниот доктор“, во јануари успеал да измами осум повозрасни граѓани од Штип и Виница. Тој ги лажел жртвите дека парите се потребни за итни операции поради тешки скршеници кај нивните деца или внуци. За само еден месец, тој од наивните граѓани успеал да противправно да присвои дури 56.000 евра.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни