Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ наскоро ќе добие целосно нов изглед и значително поголеми капацитети, откако реконструкцијата и проширувањето на терминалната зграда влегуваат во завршна фаза. Според најавите, модернизацијата треба да биде комплетирана во рок од околу два месеци.
При увидот во градежните активности, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оценија дека проектот ќе придонесе за подобро искуство на патниците и понатамошен развој на воздушниот сообраќај во регионот.
Николоски истакна дека станува збор за прва ваква сеопфатна модернизација од изградбата на аеродромот, со која значително ќе се прошират просториите за пристигнување и заминување на патниците, како и вкупниот капацитет на терминалот.
„За околу два месеци ќе имаме аеродром кој ќе изгледа како штотуку да е изграден. Се работи за целосно ново решение со проширени терминални капацитети и подобрени услови за патниците. Ова не е само инвестиција во аеродромот, туку и инвестиција во економскиот развој на целиот регион“, изјави Николоски.
Тој нагласи дека модернизацијата на аеродромот доаѓа во период кога се отвораат нови авиолинии и расте бројот на патници, што дополнително ќе ја зајакне туристичката и економската понуда на Охрид и околните општини.
Според него, позитивниот ефект ќе биде уште поголем со завршувањето на автопатот Охрид–Кичево, особено на делниците што обезбедуваат побрз пристап до аеродромот.
„Кога ќе се спојат модерниот аеродром, новите авиолинии и подобрената патна инфраструктура, добиваме силна основа за нов развоен циклус на целиот југозападен регион“, порача Николоски.
Од Министерството за транспорт очекуваат реконструираниот аеродром да овозможи прием на поголем број патници и да создаде услови за воспоставување дополнителни меѓународни авиолинии во наредниот период.