Свет

Градоначалникот на Берлин сакаше паркот да се затвора ноќе поради дрога – судот ја поништи одлуката

Градоначалникот на Берлин сакаше паркот да се затвора ноќе поради дрога – судот ја поништи одлуката

Берлинскиот Герлицер парк беше преполн со луѓе кои славеа по судската одлука што го урна планот на градоначалникот Кај Вегнер за ноќно затворање на паркот. „Герли е нашиот двор“, рече Моника, пензионирана психијатриска медицинска сестра од соседството, додека со комшиите пиеја пиво и играа на популарната ливада во Кројцберг. „Герли е местото каде што се дружиме и каде што порасна мојата ќерка“, додаде таа, користејќи го милозливиот прекар за оваа 14-хектарска зелена површина во центарот на градот

Долгогодишниот спор околу користењето на паркот се разгори повторно на почетокот на годината, кога градските власти изгласаа ноќно затворање со оградување, со цел да се намали присуството на дилери и зависници, пишува The Guardian. „Мораме буквално да ја преземеме контролата над Герлицер парк“, изјави градоначалникот Кај Вегнер уште во 2023 година по „безбедносен самит“.

По месеци расправа, на 1 март беше поставена метална ограда со 16 врати, во вредност од околу два милиони евра.

Судска одлука и непосредни последици

По судската одлука, оградата остана, но вратите се отворени 24 часа дневно. Малкумина ги негираат проблемите поврзани со трговијата со дрога: семејства пријавуваат игли и човечки измет во песочниците на детските игралишта, а жените се жалат на вознемирување.

„Оградата не решава ниту еден проблем, само го преместува на друго место“, вели Моника, членка на иницијативата „Görli Zaunfrei“ (Герли без ограда). Како што предупредуваа противниците на оградата, нелегалните активности се преселија во соседните улици и објекти; се пријавуваат зависници кои преспиваат по скалишни влезови и во близина на градинки

Многу Берлинци кои беа прашани во паркот велат дека средствата за оградата и обезбедувањето подобро би се искористиле за третман на зависност и социјални програми.

  • Околу 2.000.000 евра за поставување на оградата
  • Приближно 800.000 евра годишно за обезбедување
  • Во меѓувреме, средствата за центри за помош на зависници, социјални работници и простори за безбедна консумација се замрзнати или скратени

Пресудата е удар за Вегнер, член на конзервативната Христијанско-демократска унија (CDU), кој во септември излегува на избори што ги претстави како неформален референдум за неговото ветување за обрач со криминалот. Во културно разновидниот и брзо гентрифициран Кројцберг, некои подбивно го нарекуваат „Заункёниг“ („крал на оградата“).

„Во Кројцберг нема што да загуби, бидејќи ЦДУ тука политички речиси и да нема шанси“, вели Јудит, наставничка и членка на иницијативата. „Оградата околу Герли никогаш не беше ништо повеќе од пука симболика: предизборен подарок за гласачите на ЦДУ во предградјата.“

Една од правните главоболки за Вегнер е што со поставувањето на оградата постапил спротивно на волјата на надлежниот општински совет. „Тоа потсетува на Трамп во Калифорнија, кога ги заобиколуваше локалните власти за да наметне свои правила“, рече една постара жена додека ја шеташе својата чивава, фрустрирана што ѝ биле „насилно скратени“ утринските рутини.

Долгогодишни жители велат дека чувството на заедништво денес потсетува на судирите меѓу полицијата и жителите на Кројцберг од 1970-тите и 1980-тите, кога сквотерите се изборија да ги спасат елегантните историски згради околу паркот од уривање.

За време на кампањата против оградата, активисти облечени како велигденски зајаци делеа копии од универзални клучеви за бравите, кои навистина функционираа, и советуваа за локации на отвори низ кои „ноќни скокачи“ можеа да се протнат во паркот.

Зошто паркот мора да остане достапен ноќе

На прашањето зошто паркот треба да биде отворен доцна навечер, еден постар слеп маж објасни дека паркот пресекува неколку станбени улици и дека неговото затворање ги принудува пешаците и велосипедистите на значително подолги, често слабо осветлени обиколни рути. Тој го опиша Герли како свој „клучен краток пат“ од ноќната автобуска станица до домот.

Вегнер најави дека берлинскиот Сенат ќе се жали на привремената судска мерка, која би можела да биде укината. „Дотогаш, се обидуваме да извлечеме максимум од ситуацијата“, вели Моника. Таа и Јудит, кои се запознале преку кампањата и станале пријателки, велат дека оградата имала и една добра страна: ја сплоти заедницата. Сега се залагаат за целосно отстранување на оградата, „за луѓето да можат да влегуваат и излегуваат кога сакаат и никој да не се чувствува загрозен“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни