Македонија

Објектите низ Кочани воопштно не биле опфатени во планот за надзор: Родителите прашуваат кој го држел пенкалото во ДЗС?

Објектите низ Кочани воопштно не биле опфатени во планот за надзор: Родителите прашуваат кој го држел пенкалото во ДЗС?
Фото: Ј. Пауноски / 4NEWS.mk

Дискотеката „Пулс“, но и низа други слични објекти во Кочани, воопшто не биле опфатени во плановите за надзор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Ова се клучните сознанија кои произлегоа на денешното рочиште од судскиот процес за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека, во кој минатата година животот го загубија 63 лица.

Во судницата денеска беа презентирани квартални планови за инспекции, годишни програми и службени документи на ДЗС од периодот меѓу 2012 и 2017 година, сите заверени со името на тогашниот директор на институцијата, Шабан Салиу.

Селективни контроли и лажни потписи?

Пресврт на рочиштето предизвика реакцијата на самиот Салиу, кој пред судот тврдеше дека дел од потписите на официјалните документи не се негови, иако на нив уредно стои неговото име како одговорно лице.

Обвинителството, пак, преку докази и годишни програми посочи на сериозни пропусти во системот на контроли:

  • Без инспектор на терен: Во текот на 2015 година, Кочани воопшто немало назначен матичен инспектор за заштита и спасување.
  • Селективен надзор: И покрај недостатокот на кадар, истата година инспектори од Скопје извршиле надзор во Кочани, но само врз еден единствен правен субјект кој бил категоризиран со низок ризик, што Обвинителството го квалификуваше како крајно селективно.
  • Игнорирање на кафулињата и дискотеките: Програмите за работа на ДЗС од 2012 до 2014 година предвидувале надзор само врз поголеми хотели, ресторани и мотели, додека ноќните клубови, кафулињата и дискотеките останале целосно надвор од радарот на инспекциите.

Наунов: „Прашањето е кој го држел пенкалото“

Од здружението „16 Март“, кои будно го следат процесот, оценуваат дека денешното рочиште отвора уште посериозни прашања за распадот на институционалниот систем.

„Денес во судница слушнавме одбрана дека дел од потписите не биле на обвинетиот. Остана впечаток дека најголемото прашање повеќе не е кој ја водел институцијата, туку кој го држел пенкалото. Ако некој друг потпишувал наместо директорот, тогаш тоа укажува на страшни системски пропусти“, истакна Александар Наунов од здружението.

Наунов потенцираше дека директорската функција не е само „рамка за име на документ“, туку таа со себе носи кривична и морална одговорност за сè што излегува од институцијата. Според него, јавноста со право бара одговор како со години поминале десетици планови и извештаи без знаење на раководството.

Потсетување на трагедијата

Катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година. Во огнената стихија загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, од кои голем дел со тешки и трајни изгореници. Оваа трагедија, која се смета за една од најголемите во поновата македонска историја, предизвика масовни протести и страв во јавноста, отворајќи ја Пандорината кутија за тоа како се издаваат дозволи за работа и како (не) се спроведуваат безбедносните стандарди во угостителските објекти. Судскиот процес продолжува со изведување на дополнителни материјални докази.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни