Албанскиот премиер Еди Рама се соочува со сериозни критики поради неговиот несекојдневен и провокативен одговор на масовните граѓански протести против контроверзниот туристички проект вреден 1,4 милијарди долари. Наместо да ги смири тензиите во земјата, Рама го обвини Иран за поттикнување на немирите преку „хибридна војна“, а на социјалните мрежи објави бизарно видео генерирано со вештачка интелигенција.
Протестите, кои веќе девет дена се одржуваат под името „Револуција на фламинго“, започнаа откако се огради дел од брегот во Зврнец (близу Валона) и островот Сазан. Овие еколошки чувствителни зони, кои се природно живеалиште на фламингата, треба да станат луксузни одморалишта во режија на инвестициската фирма „Афинити партнерс“, сопственост на Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.
Во интервју за „Политико“, Рама децидно изјави дека зад ширењето дезинформации за проектот на Кушнер стои Техеран. Тој директно им се обрати на иранските власти, потсетувајќи ги на нивните претходни сајбер напади врз албанската дигитална инфраструктура.
„Дали одеднаш ви е грижа за албанскиот народ? Истите луѓе чии институции се обидовте да ги осакатите со сајбер тероризам? Не можете да ѝ простите на Албанија што ги отвори своите врати за луѓето што бегаат од прогон“, изјави Рама, алудирајќи на засолнувањето на иранските дисиденти во Тирана, нарекувајќи го Иран „средновековна теократија“.
Одговорот од Иран пристигна веднаш преку портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаеи, кој изјавите на албанскиот премиер ги нарече „целосна бесмислица“ и обид за дефокусирање на јавноста.
„Наместо да одговорат на легитимните и логични барања на сопствениот народ, албанските власти претпочитаат да го затворат прашањето со смешни обвинувања против Иран. Веројатно наскоро ќе кажат дека тие фламинга се всушност ирански тајни агенти“, цинично прокоментира Багаеи, додавајќи дека Рама на овој начин веројатно само се обидува да добие политички поени кај Израел.
Додека демонстрантите цврсто бараат итно откажување на проектот и укинување на спорните закони, Рама покажува целосна незаинтересираност за нивните барања. Тој најпрво ги сподели своите „омилени“ транспаренти од протестите, а потоа ја шокираше јавноста со споделување на АИ-видео. Во него, албанскиот премиер е прикажан во кожно мини-здолниште и топ, во улога на инфлуенсер кој се јавува директно од протестите. „Кој и да го направил ова, секоја чест за него“, напиша рамнодушно Рама во описот, со што дополнително го предизвика гневот на јавноста.