Американската вселенска агенција НАСА избра четворица астронаути – тројца Американци и еден Италијанец – за екипажот на следната мисија Артемис III, која е планирана за наредната година. Мисијата за првпат во вселената ќе ги тестира лунарните модули на „СпејсИкс“ (SpaceX) на милијардерот Илон Маск и „Блу Ориџин“ (Blue Origin) на Џеф Безос, објави британската агенција Ројтерс.
На церемонија во Хјустон, администраторот на НАСА, Џаред Ајзекман, ги именуваше американските астронаути Андре Даглас, Френк Рубио и Ренди Бресник, заедно со италијанскиот астронаут Лука Пармитано од Европската вселенска агенција, како екипаж на Артемис III.
Лансирањето е закажано за крајот на следната година, но точниот датум сè уште не е објавен.
Ренди Бресник (58), поранешен пробен пилот и ветеран со три вселенски мисии, е назначен за командант на мисијата.
Мисијата ќе вклучува сложен маневар во ниска Земјина орбита, во кој ќе учествуваат повеќе вселенски летала од програмата Артемис – водечкиот проект на НАСА за враќање на луѓето на Месечината и воспоставување долгорочно присуство.
Програмата се одвива под притисок на конкуренцијата од Кина, која има цел да изведе сопствено слетување на Месечината со екипаж до 2030 година.
Иако двонеделната мисија Артемис III нема да се доближи до површината на Месечината, таа се смета за клучен прв тест за двата главни лунарни модули што НАСА ќе ги користи во идните мисии за слетување на астронаути на Месечината.