Со завршувањето на наставата денеска, учениците низ целата држава официјално влегуваат во летниот распуст, кој ќе трае до 31 август и ќе означи пауза од училишните обврски за основците и средношколците во учебната 2025/2026 година.
За повеќе од 14.500 матуранти, наставната година заврши на 15 мај, а веќе утре (11 јуни) дел од нив ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик – македонски, албански, турски или српски. На 12 јуни е закажано полагањето за кандидатите за државна стручна и државна уметничка матура.
По повод крајот на учебната година, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, упати порака до учениците, посакувајќи им добро здравје, среќен распуст и успешно поминато слободно време.
Таа им честиташе на сите ученици за постигнатите резултати и им порача летниот период да го искористат за одмор, дружење и создавање убави спомени, но и за личен развој и читање.
– Им посакувам убав летен распуст, исполнет со одмор, дружење и незаборавни спомени. Верувам дека ќе одвојат време и за литература, за стекнување нови знаења и за развој на личните вештини. Дигиталните алатки нека ги користат мудро – за учење, истражување и откривање нови можности – порача Јаневска.
Министерката оцени дека изминатата учебна година била подобра од претходната, нагласувајќи дека се воведени повеќе новини во образовниот процес кои имаат за цел унапредување на системот и подобри услови за учениците и наставниците.
Таа истакна дека е забележлив напредок, особено преку зголемената поддршка за наставниот кадар. Според неа, донесена е одлука за зголемување на платите за 7,5 проценти, со што вкупниот раст во последните две години надминува 20 проценти.
Јаневска додаде дека се вложува и во професионален развој на наставниците и стручните соработници, преку можности за напредување во звања ментор и советник, вклучително и нови повици во основното и за првпат во средното образование.
– Посебна благодарност упатувам до родителите и старателите. Нивната поддршка е клучна за развојот на децата. Во наредниот период очекуваме уште поголема соработка, особено во справувањето со врсничкото насилство – рече Јаневска, додавајќи дека ќе продолжат со активности за создавање побезбедна и поквалитетна училишна средина.
Со завршувањето на оваа учебна година, од Министерството најавуваат продолжување на реформските процеси и подготовка за уште поуспешна 2026/2027 година.