Поранешен пилот на „Ер Канада“ е обвинет дека 17 години превезувал илјадници патници на комерцијални летови без соодветна лиценца, соопштија надлежните власти.
Според полицијата, 59-годишниот Џефри Вол од Онтарио летал со фалсификувани документи уште од 2009 година, кога бил унапреден во капетан на авион. Против него сега се поднесени повеќе обвиненија поврзани со измама.
Од Air Canada соопштија дека пилотот веднаш бил отстранет од работа откако минатата година биле откриени лажните документи.
„Компанијата доброволно го пријави случајот до Транспорт Канада“, соопшти авиокомпанијата.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста на патниците никогаш не била доведена во прашање, посочувајќи дека сите пилоти поминуваат проверки и обуки за стручна оспособеност на секои шест месеци.
Заменик-началникот на регионалната полиција Пил, Ник Милинович, изјави дека Вол работел за Ер Канада 27 години, а кариерата ја започнал во 1998 година.
Полицијата тврди дека тој лажно ги претставувал своите квалификации од 2009 година, кога бил поставен на позицијата командант на лет, односно капетан.
За таа функција пилотите мора да поседуваат лиценца за авиотранспортен пилот (ATPL), која се добива по успешно полагање на повеќе писмени испити.
„Ова е слично како лекар кој има лиценца за општа медицина, а изведува операции на мозок во својата ординација“, изјави Милинович.
Во изминатите 17 години, според полицијата, Вол управувал со повеќе типови авиони на „Боинг“ и реализирал околу 900 домашни и меѓународни летови, заработувајќи милиони долари плата, и сето тоа наводно без потребните квалификации.
Надлежните наведуваат дека измамата била откриена минатата година за време на рутинска проверка, кога биле забележани несогласувања во документацијата за лиценцата на пилотот. Тоа довело до истрага на канадското Министерство за транспорт.
Потоа регионалната полиција Пил започнала кривична истрага, која вклучувала претрес и анализа на документите, при што било утврдено дека лиценцата била фалсификувана.
Вол на 1 јуни бил обвинет по вкупно седум точки, меѓу кои измама, фалсификување документи и поседување фалсификувани ознаки.
Од Ер Канада истакнуваат дека пилотот поседувал валидна комерцијална пилотска лиценца и бил целосно обучен, но не ја поседувал лиценцата ATPL која според канадските прописи е задолжителна за вршење на должноста капетан.
Во соопштението авиокомпанијата наведува дека случајот го сфаќа „исклучително сериозно“ и додава дека спровела ревизија на пилотскиот кадар, при што не биле откриени други слични неправилности.
На прашањето како наводната измама останала незабележана толку долго, Милинович одговорил дека сторителите на вакви дела често стануваат „многу вешти во измама и манипулација“.
„Не е невообичаено измамите да траат со години. Но, на крајот тие секогаш се откриваат, а тогаш се вклучуваме ние“, изјави тој.