Македонија

Сиљановска-Давкова по средбата со Јотова: Уставните измени не се единствениот услов од Софија, во игра се и историските протоколи

Сиљановска-Давкова по средбата со Јотова: Уставните измени не се единствениот услов од Софија, во игра се и историските протоколи

Вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав не е единствената пречка за тргање на ветото и почеток на преговорите со ЕУ. Официјална Софија испорачува и други барања кои се директно поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на Мешовитата историска комисија.

Ова го откри претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по билатералната средба со нејзината бугарска колешка Илијана Јотова, одржана на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија.

„Давам шанса на преговорите и на дијалогот за да не останеме на монолог, но едно и на мене и на министерот Муцунски ни стана јасно: не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите од историската комисија. Толку можам засега да кажам“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.

Македонската делегација на средбата цврсто ги изложила своите позиции, ставајќи посебен акцент на меѓународното право и човековите права. Имено, претседателката пред Јотова ја потенцирала обврската на сите земји-членки на Советот на Европа (кои истовремено се и членки на ЕУ) строго да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур – нотирајќи дека тие правила важат подеднакво за сите бидејќи сите земји имаат свои судии во тој суд.

И покрај разликите во ставовите, од македонска страна било посочено дека претставниците на двете земји мора почесто да се среќаваат и да дебатираат, дури и тогаш кога изгледа дека разговорите нема веднаш да вродат со плод.

По завршувањето на официјалниот дел и предавањето на претседавањето со ПСЈИЕ од Бугарија на Романија, македонската претседателка беше опколена од бугарските новинари.

На нивните упорни прашања поврзани со уставните измени, Сиљановска-Давкова одговараше на англиски јазик со јасни пораки:

  • За уставните измени: Потенцираше дека таа како претседател „не е монарх“ за да одлучува сама за такви прашања, јасно алудирајќи на улогата на Собранието и уставните процедури.
  • За човековите права: Ги нагласи уставните заложби на Македонија за максимално почитување на човековите права, притоа отворено и директно посочувајќи дека тоа не е случај во Бугарија, со оглед на неспроведувањето на пресудите од Стразбур за македонското малцинство.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни