Иранското Министерство за надворешни работи најостро ги осуди ноќните американски воздушни напади врз Техеран, наведувајќи дека тие напади го направиле постигнатиот договор за прекин на огнот „практично бесмислен“.
„Нелегалните и криминални напади на САД во изминатите неколку часа не само што претставуваат флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и основните правила на меѓународното право за почитување на националниот суверенитет и територијалниот интегритет на државите, туку и примирјето постигнато на 8 април го направија практично бесмислено“, стои во официјалното соопштение на министерството, пренесено од иранските медиуми.
Напади две ноќи по ред
Оваа остра реакција на Техеран следи откако американската војска веќе втора ноќ по ред започна нов бран прецизни воздушни напади, користејќи морнарички и воени борбени авиони за гаѓање цели низ Иран, вклучително и покраината Алборз, како и цивилна инфраструктура, меѓу која и водоводно постројување во селото Бемани на јужниот брег на земјата.
Вашингтон ги оправда овие операции со право на самоодбрана по претходното соборување на американскиот јуришен хеликоптер „Апачи“, а претседателот Доналд Трамп порача дека нападите ќе продолжат со полн интензитет доколку Иран одбие да го потпише понудениот мировен договор.
Иран веднаш возврати со масовни ракетни напади, испалувајќи балистички проектили и беспилотни летала кон американски воени позиции и воздушни бази во Јордан, Кувајт и Бахреин.
И покрај жестоката дводневна размена на оган и привременото затворање на воздушниот простор во регионот, дипломатски извори потврдуваат дека преговорите за прелиминарен договор и деблокирање на милијарди долари ирански средства сè уште се во тек, а катарските посредници утрово го напуштиле Техеран по целоноќни состаноци со иранските претставници.