Македонија

ДЗР: Слабости во системот за социјална помош довеле до неосновани исплати и буџетски загуби

ДЗР: Слабости во системот за социјална помош довеле до неосновани исплати и буџетски загуби

Неадекватни контроли и недоволна размена на податоци меѓу институциите довеле до исплата на социјална помош на лица кои не ги исполнувале законските услови, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Ревизорите предупредуваат дека ваквите системски пропусти резултирале со финансиска штета врз државниот буџет и намалена ефикасност на системот за социјална заштита.

Според извештајот, во 2024 година за социјална помош и сродни права се исплатени околу 162 милиони евра, што претставува околу 15% од вкупните расходи на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Средствата биле исплаќани на просечно 113.666 корисници, при што во периодот од 2022 до 2024 година е забележан пораст од околу 30%.

Ревизијата утврдила дека пропустите најчесто се однесуваат на некомплетна документација, недоволни проверки и неажурирани податоци за корисниците. Дополнително, не се спроведувале редовни контроли ниту годишни преиспитувања на правата, што довело до неправилности во доделувањето на помошта.

Еден од посериозните наоди е дека во 2024 година се утврдени 235 корисници кои истовремено примале и пензија и социјална помош, при што неосновано биле исплатени околу 236 илјади евра. Исто така, кај дел од корисниците е утврдено користење на права без исполнување на основните услови, вклучително и старосни критериуми и евиденција за невработеност.

Ревизорите посочуваат дека институциите не ја спроведуваат целосно обврската за индивидуални планови за активација на корисниците, што дополнително го намалува ефектот на системот за социјална поддршка.

Констатирани се и сериозни административни слабости, меѓу кои и несоодветно чување на документацијата во Центарот за социјална работа во Скопје, каде документи се складирани во ходници и импровизирани простории, со што постои ризик од нивно оштетување или губење.

ДЗР заклучува дека овие состојби влијаат на правната сигурност, еднаквото постапување и ефикасното трошење на јавните средства, и апелира на итно унапредување на контролите и координацијата меѓу надлежните институции.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни