Повеќе катови и ходници во Пентагон се блокирани, а дел од вработените се евакуираат поради „инцидент со опасни материи“, потврдија локалната противпожарна служба и три извори запознаени со ситуацијата. Станува збор за седиштето на американското Министерство за одбрана, пренесува Си-Ен-Ен (CNN).
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, потврди дека системите во зградата детектирале проблем со квалитетот на воздухот, што наложило преземање итни мерки на претпазливост додека не се утврди точната причина.
„Министерството ги спроведува стандардните безбедносни протоколи, вклучително и наредба за останување во затворени простории во засегнатото подрачје. Итните служби се на терен и се подготвени да им помогнат на луѓето во зградата“, изјави Парнел.
Специјални тимови на терен
Тимот за опасни материи на Агенцијата за заштита на Пентагон (PFPA) интервенира во соработка со противпожарната служба од округот Арлингтон. Пожарникарите преку социјалните мрежи потврдија дека нивните специјални единици се веќе внатре во објектот каде што се справуваат со „инцидент со опасни материјали“.
Во интерната порака испратена од безбедносниот тим на Пентагон до вработените, се наведува дека е откриен „проблем со квалитетот на воздухот“ и дека се неопходни дополнителни лабораториски тестирања.
Блокиран дел од гигантскиот комплекс
Според информациите, дополнителните тестирања на воздухот би можеле да траат меѓу еден и два часа. Безбедносните служби апелираа до вработените да не паничат и да не носат предвремени заклучоци поради зголеменото присуство на различни агенции во централниот двор на комплексот.
Два извори на Си-Ен-Ен откриваат дека во моментов се блокирани катовите од вториот до петтиот, поточно во ходниците од четвртиот до седмиот во огромниот комплекс на Пентагон. Трет извор додава дека ситуацијата е сериозна и дека полицијата во внатрешноста на зградата веќе носи гас-маски и целосна хемиска заштитна опрема.