Македонија

Перински: Општина Карпош функционира беспрекорно, законот не предвидува временско ограничување за заменик-градоначалникот

Перински: Општина Карпош функционира беспрекорно, законот не предвидува временско ограничување за заменик-градоначалникот

Општина Карпош без никаков застој ги сервисира своите обврски и услуги кон граѓаните, а сите дејствија кои се во законска ингеренција на градоначалникот или на општинската администрација во моментов се спроведуваат без исклучок. Ова го изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, коментирајќи го актуелното отсуство на градоначалникот на Карпош.

Според Перински, јавните дебати и реакции во медиумите околу ова прашање се поттикнати и мотивирани од различни политички влијанија, кои во одредени моменти преминале и во „невкусни коментари и изјави од поединци“.

Министерот појасни дека суштината на процесот е целосно правно регулирана со Законот за локална самоуправа.

„Согласно член 52 од Законот за локална самоуправа, градоначалникот има право да овласти член на Советот кој во случај на негова спреченост или отсуство ќе го заменува, односно ќе ја застапува општината во негово име. Тоа е одредба која ја практикуваат сите градоначалници во Македонија без исклучок. И градоначалниците се луѓе од крв и месо и може да се случи да бидат спречени од објективни причини“, истакна Перински.

Тој додаде дека назначениот советник ги има сите права и овластувања да ги спроведува законските ингеренции и дека ситуацијата во Карпош не се разликува од кој било друг претходен случај во другите општини, иако прашањето се актуелизира бидејќи станува збор за атрактивна скопска општина.

Во однос на прашањето дали постои временско ограничување или дефиниран број на денови во кои членот на Советот може да го менува градоначалникот, Перински децидно одговори дека такво ограничување во законот нема.

Целта на оваа одредба е токму да овозможи континуитет во работата кога избраниот градоначалник е оправдано отсутен. Министерот смета дека евентуалното воведување на фиксен број денови за замена би предизвикало правни колизии со други акти.

„Доколку се предвиди дека таа празнина би се пополнила со одреден број на денови, тоа би се косело и со Законот за работни односи. Постои реална можност градоначалникот да се разболи или да биде оправдано отсутен и поради објективни причини да не може да ги извршува работните задачи“, појасни Перински, уште еднаш апелирајќи да не се навлегува во политички испровоцирани изјави кои служат само за „политички фолклор“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни