Регионот на Западен Балкан поседува силен претприемачки дух и стратешка позиција за да биде активен лидер, а не само пасивен корисник во глобалната иновациска економија. Соединетите Американски Држави остануваат посветени да бидат клучен партнер во овој процес.
Ова е главната порака од завршниот ден на дводневната конференција „Акцелератор за дигитална трансформација на Западен Балкан“, која се одржа во Скопје во организација на Амбасадата на САД, а во име на Бирото за киберпростор и дигитална политика (CDP) при Стејт департментот.
Вршителот на должност амбасадор на САД, Никол Варнс, во своето обраќање потенцираше дека одлуките кои земјите од регионот ќе ги донесат денес, директно ќе ја зајакнат или загрозат нивната национална безбедност и економски просперитет во ерата на вештачката интелигенција (АИ).
„Револуцијата на вештачката интелигенција не е можност што допрва треба да се оствари. Таа е веќе во тек. Одлуките што ги носиме денес како влади, компании и институции, ќе определат кои држави ќе бидат најдобро позиционирани за натпревар и иновации во иднина“, порача Варнс.
Таа упати и сериозно предупредување до лидерите и бизнис-заедницата во однос на изборот на дигиталната инфраструктура:
„Ги разгледавме ризиците од фокусирање исклучиво на најевтината технолошка опција. Она што денес изгледа како најисплатлив избор, утре може да се покаже како најскап ризик, доколку технологијата што стои зад него не е доверлива и безбедна. Нашата дигитална иднина зависи од тоа кому ќе му ја довериме безбедноста на нашите податоци“, додаде американската дипломатка.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на конференцијата посочи дека дигитализацијата веќе не е прашање на луксуз или модерна козметика, туку е суштински столб за националната безбедност и институционалната отпорност на државата.
Андоновски најави и конкретни законски чекори со кои Македонија ќе се заштити во киберпросторот:
- Нова регулатива: Подготовка на законски измени со кои за првпат ќе се воведат строги стандарди за набавка на доверлива ИКТ-опрема;
- Кратење на бирократијата: Фокус на реформи кои ќе овозможат граѓаните и бизнисите да добијат побрзи, потранспарентни и подопции за дигитални услуги;
- Евроатлантска интеграција: Целосно поврзување на динамичниот домашен ИКТ сектор во европскиот дигитален простор.
„Ние сме регион со силен човечки капитал, динамични ИКТ компании и јасна амбиција за интеграција. Но, за реализација на оваа цел ни се неопходни стабилна регулатива, доверлива инфраструктура и силно партнерство со нашите демократски сојузници“, заклучи министерот Андоновски.