Продлабочувањето на економските врски меѓу Македонија и Турција беше во фокусот на Бизнис форумот што се одржа во Истанбул, каде министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски упати порака дека политичкото партнерство меѓу двете земји треба да биде придружено со уште посилна економска соработка.
На форумот, кој беше организиран со учество на претставници на институциите, стопанските комори и бизнис-заедниците од двете држави, Муцунски истакна дека добрите билатерални односи создаваат одлична основа за зголемување на трговската размена, привлекување инвестиции и отворање нови можности за компаниите.
Тој нагласи дека економската дипломатија е еден од клучните приоритети на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, посочувајќи дека современата дипломатија не се сведува само на политички дијалог, туку и на отворање пазари, поддршка на извозот и создавање конкретни економски придобивки.
Осврнувајќи се на досегашната соработка, Муцунски потенцираше дека Турција останува меѓу најзначајните економски партнери на земјата. Според него, турските инвестиции и присуството на повеќе од 3.000 турски компании имаат значајна улога во развојот на домашната економија и отворањето работни места.
Тој посочи дека билатералната трговска размена меѓу двете земји во изминатата година достигнала една милијарда американски долари, оценувајќи дека станува збор за значаен резултат кој отвора простор за уште поголем раст во иднина.
Во своето обраќање министерот ја нагласи потребата од интензивирање на директната соработка меѓу компаниите и стопанските комори, како и реализација на заеднички проекти во индустријата, информатичките технологии, логистиката, туризмот, агробизнисот, инфраструктурата и иновациите.
На маргините на форумот, Муцунски оствари средба со турскиот министер за трговија Омер Болат, на која биле разгледани можностите за натамошно зголемување на трговската размена, нови инвестиции и продлабочување на институционалната соработка.
Двајцата соговорници ја потврдиле заедничката определба за создавање подобри услови за поврзување на бизнис-заедниците и за унапредување на економските односи, оценувајќи дека таквата соработка придонесува за поголема регионална стабилност, поврзаност и економски просперитет.