Албанската полиција во градот Елбасан уапсила македонски државјанин, кај кого во комбето што го управувал бил пронајден околу еден килограм хероин, соопштија тамошните власти.
Според првичните информации, лицето претходно нелегално ја преминало македонско–албанската граница преку таканаречениот „зелен појас“, каде, како што се наведува, се сретнало со албански државјанин.
Случајот бил откриен на патниот правец Булќиза–Либражд, кога возилото било запрено за рутинска полициска контрола.
„Сомнителното возило, во кое патувале државјанинот од Република Македонија, Л. Г. (32) од Струга и албанскиот државјанин А. Б. (45) од Драч, било запрено за проверки на патниот правец Булќиза–Либражд. При контрола во гума на возилото бил пронајден и запленет еден килограм хероин, кој бил прошверцуван од македонска на албанска територија преку зелениот појас на границата“, стои во полициското соопштение.
Според истрагата, запленетата дрога била наменета за албанскиот наркопазар.
Покрај наркотичната супстанција, полицијата го запленила и возилото марка „Фиат“, како и два мобилни телефони кои ги користеле осомничените.
Од нив биле одземени и парични средства во различни валути – 40.000 леки, 50 евра и 290 денари.
Целиот случај е предаден на Обвинителството во Елбасан, кое ќе ја продолжи постапката.
Двете приведени лица ќе одговараат за кривичното дело „Трговија со наркотични супстанции“.