Дигитализацијата на процесите во општините и воведувањето автоматизиран софтверски систем претставуваат важен чекор кон поголема транспарентност и намалување на корупцијата во локалната самоуправа. Ова го истакна министерот за локална самоуправа Златко Перински во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“.
Според Перински, автоматизираниот систем ќе го намали влијанието на човечкиот фактор во процесот на наплата на даноците и ќе спречи можност за селективно постапување од страна на локалните службеници.
„Не е во ред некој редовно да плаќа данок, а друг да го избегнува тоа. Не може системот за едни да биде мајка, а за други маќеа. Мора да има трајно, системско решение кое нема да важи само за оваа година или за еден политички мандат, туку ќе биде поставено еднаш засекогаш“, изјави Перински.
Тој нагласи дека ваквиот пристап е најправеден кон граѓаните кои навремено и совесно ги исполнуваат своите обврски кон државата.
Осврнувајќи се на финансиските загуби на општините, министерот посочи дека околу 100 милиони евра годишно остануваат ненаплатени поради неажурирани бази на податоци за имот. Според него, станува збор за значителна сума која би претставувала сериозен предизвик и за многу посилни економии.
Перински оцени дека овој проблем постои со години и дека е неопходно негово итно и трајно надминување преку системски решенија кои ќе обезбедат поголема ефикасност и еднаков третман за сите даночни обврзници.