Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во казина и автомат клубови, АПИС, ја поздравува одлуката на членовите на Комисијата за финансирање и буџет конечно да се одважат и да го прифатат нашето заедничко барање за одржување јавна расправа по повод Предлог законот за игри на среќа кој го помина првото читање. За жал, асоцијациите и здружението на вработени во секторот, до сега немаа можност, со својата експертиза, знаење и искуство да дадат придонес во процесот на изработка на ново одржливо законско решение. Иако сме прва линија на имплементација на актуелниот важечки закон за игри на среќа, кој е еден од најстрогите во регионот и пошироко, ни беше ускратена можноста преку инклузивен процес да креираме регулатива согласно сите европски и светски стандарди.
Јавната расправа е демократска алатка која ќе овозможи претставници на асоцијациите и вработените во легалните објекти со аргументи на целокупната јавност да ја објаснат штетноста на одредени одредби од Предлог законот за игри на среќа. Ќе зборуваме за закон кој се однесува на економски сектор со повеќе од 10 илјади вработени што вкупно гледано е најголемиот приватен работодавец. Ќе зборуваме за регулатива од која зависат повеќе од 350 милиони евра буџетски приливи на годишно ниво. Ќе зборуваме за уставно спорните одредби и решенија. Ќе предупредиме дека вака подготвен закон на среден рок ќе направи хаос во општеството кој тешко ќе може да се спречи. Подготвени сме во законодавниот дом да се соочиме со дежурните критичари на игрите на среќа, кои нема да преземат одговорност за тоа што ќе следи доколку овој Предлог закон се изгласа.
Доколку се прифатат нашите аргументи, подготвени сме веднаш да учествуваме во мешовита работна група која во кус рок ќе изработи ново законско решение по европски и светски стандарди за игри на среќа, кое ќе ги даде вистинските одговори за грижите на граѓаните и ќе биде спроведлив во пракса.
АСОЦИЈАЦИЈА НА ПРИРЕДУВАЧИ НА ИГРИ НА СРЕЌА
АПИС