Министерството за надворешни работи и надворешна трговија остро реагираше по денешниот инцидент во Скопје, во кој биле опожарени возила што се во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија.
Во официјалната реакција, Министерството го осуди настанот и порача дека ваквите инциденти се неприфатливи, нагласувајќи дека надлежните институции веќе преземаат активности за целосно расветлување на случајот.
Оттаму информираат дека се работи на утврдување на сите околности поврзани со опожарувањето, како и на идентификување на сторителот или сторителите.
Министерството истакна дека ќе им даде целосна поддршка на институциите кои ја водат истрагата, со цел таа да биде брза, ефикасна и транспарентна.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции во насока на брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот“, се наведува во реакцијата.
Од Министерството не соопштуваат дополнителни детали за инцидентот, додека истрагата е во тек.