По неколкудневни проблеми и прекин во работењето, апликацијата „МојДДВ“, преку која граѓаните остваруваат поврат на дел од платениот данок на додадена вредност, повторно е ставена во функција.
Апликацијата, која ја користат стотици илјади корисници, во изминатите пет дена не беше достапна, што предизвика реакции кај дел од граѓаните кои не можеа да скенираат фискални сметки и да ги користат своите права за поврат на средства.
Управата за јавни приходи (УЈП) денеска информираше дека проблемот е целосно отстранет и дека системот повторно функционира без пречки за сите корисници.
Како што појаснуваат од институцијата, прекинот настанал поради технички прилагодувања и неопходна надградба на системот.
По завршувањето на овие активности, апликацијата е повторно активна и достапна за корисниците на оперативните системи „Андроид“ и „иОС“.