Мобилен тим на Царинската управа спречи обид за криумчарење злато на граничниот премин Блаце. Запленети се кршено злато и златен накит со вкупна тежина од 324,7 грама и проценета вредност од околу 1,5 милиони денари. Настанот е регистриран при влез во државата на 16/06/2026 во 12:15 часот.
Случајот е откриен поради основано сомневање на инспектори од Одделението за оперативни работи, кои извршиле детална контрола на патничко возило управувано од македонски државјанин. При прегледот е пронајдено кршено злато и златен накит, за кои постои сомнеж дека се обиделе да бидат нелегално внесени во земјата.
Од Царинската управа наведуваат дека мобилните царински тимови секојдневно спроведуваат засилени контроли на граничните премини со цел спречување на криумчарење и заштита на финансиските интереси на државата. Благодарение на брзата реакција на инспекторите, спречен е обид за нелегален внес на злато со висока вредност.
Случајот е предаден на Одделението за истраги. Против осомниченото лице И.М. е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје за кривично дело криумчарење, казниво по Кривичниот законик.