„Реплек“ АД денеска беше домаќин на амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Северна Македонија, Н.Е. Метју Лосон, кој оствари работна посета на компанијата и се запозна со нејзините производствени капацитети, развојни планови и извозни активности.
За време на посетата, менаџерскиот тим и генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски, ги презентираа резултатите од развојот на компанијата во изминатите 80 години, актуелните инвестиции во производствени капацитети, како и стратешката определба за зајакнување на присуството на високо регулираните меѓународни пазари.
Посебен акцент беше ставен на неодамнешниот пробив на британскиот пазар, откако британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA) го одобри „Реконазол (ketoconazole) 2% шампон“, првиот медицински производ на „Реплек“ регистриран во Обединетото Кралство. Дополнително, во април годинава компанијата успешно го реализираше и првиот извоз на „Реконазол“ на британскиот пазар, што претставува значаен чекор во интернационалниот развој на „Реплек“ и дополнителна потврда за усогласеноста на производствените и регулаторните процеси со највисоките меѓународни стандарди.
Генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски, истакна дека британскиот пазар претставува една од најзначајните референци за секој фармацевтски производител.
„За ‘Реплек’, регистрацијата и првиот извоз на ‘Реконазол’ во Обединетото Кралство претставуваат значајна пресвртница во нашата стратегија за интернационализација. Фактот што успешно ги исполнивме строгите барања на британското регулаторно тело – MHRA претставува силна потврда за квалитетот на нашите производи, стручноста на нашите тимови и зрелоста на нашите производствени и регулаторни процеси. Посетата на амбасадорот Лосон е дополнителна потврда за важноста на ова партнерство и охрабрување за нашите понатамошни развојни планови на британскиот и на другите високо регулирани светски пазари“, изјави генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски.
Во оваа прилика, амбасадорот Лосон ги посети и дел од производствените погони на „Реплек“, каде беше запознаен со современите технолошки решенија, високите стандарди за квалитет и безбедност, како и со континуираните инвестиции во модернизација и развој на производството.
За време на средбата беа дискутирани и можностите за понатамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, како и потенцијалот за натамошно зајакнување на присуството на производите на „Реплек“ и останатите македонски компании на британскиот пазар.
„Реплек“ во континуитет инвестира во унапредување на системот за квалитет, производствените капацитети и развојот на нови производи. Компанијата неодамна по петти пат го доби сертификатот EU GMP, потврдувајќи ја својата усогласеност со највисоките европски стандарди за добра производствена пракса, квалитет и безбедност. Производите на „Реплек“ се присутни на повеќе од 25 пазари ширум светот, а извозот претставува еден од клучните двигатели на растот во рамки на новата развојна фаза „80+“.