Македонија

Околу 60 матуранти фатени како препишувале на државната матура

Околу 60 матуранти фатени како препишувале на државната матура

Бројот на матуранти кои се обиделе да препишуваат на државната матура годинава е значително намален во споредба со претходните години. По завршувањето на двата екстерни испити – странски јазик и мајчин јазик, околу 60 ученици биле отстранети поради прекршување на правилата.

Најголем дел од случаите се однесуваат на употреба на мобилен телефон за време на полагањето, што е строго забрането според правилата за спроведување на испитите.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека состојбата оваа година е подобрена во однос на претходните години, кога имало масовно споделување одговори преку групи на апликациите за комуникација.

„Оваа година, за разлика од минатите каде имавме огромен број ученици во Вибер и Телеграм групи, од испитите се отстранети само околу 60 ученици. Тоа значи дека имаме значителен напредок“, изјави Јаневска.

Од Државниот испитен центар посочуваат дека последиците зависат од однесувањето на учениците за време на полагањето.

Директорката на ДИЦ, Даниела Јовчевска Михајловска, објасни дека учениците кои само го прекршиле правилото со препишување, но не го нарушиле редот, ќе имаат можност да полагаат во августовската сесија. Сепак, оние кои правеле проблеми и го попречувале процесот нема да можат да полагаат оваа година.

Минатата година 172 матуранти биле фатени како препишуваат од вкупно 15.003 ученици. Претходните години проблемот бил уште поголем, особено поради организирањето групи преку кои масовно се разменувале одговори.

Оваа година за првпат се спроведуваа три вида матура – државна, државна стручна и државна уметничка. Матурантите допрва треба да ги полагаат и двата интерни предмети.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни