Македонија

Бугарска фондација најави двочасовна блокада на граничните премини со Македонија

Бугарска фондација најави двочасовна блокада на граничните премини со Македонија

Бугарската Фондација „Македонија“ најави дека во недела ќе организира двочасовна блокада на трите гранични премини меѓу Бугарија и Македонија.

Според најавата објавена на социјалните мрежи, блокадата ќе се одржи од 11:00 до 13:00 часот и, како што информираат од Фондацијата, е координирана со Министерството за внатрешни работи на Бугарија.

Од Фондацијата наведуваат дека целта на протестната активност е да се упати порака до премиерот Христијан Мицкоски и властите во Скопје во врска со, како што тврдат, односот кон Бугарите во Македонија.

„Дали сте подготвени демонстративно и мирно да ги блокираме трите гранични премини со Македонија и да покажеме дека ова не може да продолжи“, се наведува во нивната објава.

Од бугарската организација посочуваат дека блокадата не е насочена кон граѓаните кои ја преминуваат границата, туку претставува политичка порака.

Најавата следува по инцидентот во кој беа опожарени две дипломатски возила на Амбасадата на Бугарија во Скопје, што од бугарска страна беше оценето како сериозен чин.

Претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, во октомври 2023 година доби забрана за влез во Македонија на неодредено време. Претходно тој имаше временска забрана за влез, која подоцна беше продолжена.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни