Македонија

Јовева во Европскиот парламент: Македонците не треба да плаќаат цена за туѓи политички фрустрации

Јовева во Европскиот парламент: Македонците не треба да плаќаат цена за туѓи политички фрустрации

Во Европскиот парламент се отвори дебата за напредокот на Македонија кон Европската Унија, при што европратеничката од Словенија, Ирена Јовева, порача дека процесот на пристапување не треба да биде оптоварен со прашања надвор од европските критериуми.

За време на расправата по Извештајот за напредокот на Македонија, Јовева истакна дека главниот фокус треба да остане на реформите, владеењето на правото и европската перспектива на земјата, а не на прашања поврзани со идентитетот, јазикот и историските толкувања.

„Оваа земја не е одговорна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик или идентитет. Македонците не треба да ја плаќаат цената за политичките фрустрации на другите“, порача Јовева.

Таа нагласи дека Европската Унија треба да биде простор за заедничко градење на иднината, а не институција која одлучува за постоењето на народите.

„Европската Унија е создадена за заедничко градење на иднината, а не за издавање сертификати за постоењето на народите“, рече европратеничката.

Јовева оцени дека Европскиот парламент не треба да се претвора во „историска академија“, туку да остане место каде што се оценуваат реформите и напредокот на земјите-кандидатки според објективни критериуми.

Таа ги отфрли и толкувањата дека гласањето претставува победа за една страна или пораз за друга, посочувајќи дека европската интеграција не смее да се претвора во натпревар меѓу државите.

„Македонците денес не беа на тест. Европа е“, порача Јовева, додавајќи дека клучното прашање е дали Европската Унија ќе остане доследна на своите вредности и принципи во процесот на проширување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни