Полицијата презеде координирана акција против лица осомничени за активности поврзани со создавање и поттикнување терористичка организација преку интернет платформи.
Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против пет лица од Скопје.
Пријавени се Ј.К.(30), Ј.М.(22), М.Т.(23), Р.К.(23) и Г.М.(34), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „терористичка организација“ според член 394-а став 3 од Кривичниот законик.
Од МВР информираат дека по претходно добиени сознанија и информации од меѓународни стратешки партнери, во координација со Агенцијата за национална безбедност и под раководство на надлежното обвинителство биле преземени мерки за идентификување на администратори и членови на интернет апликации преку кои, како што се наведува, биле упатувани повици за создавање терористичка организација.
Според досегашните сознанија, пријавениот Ј.К. кон крајот на 2024 година формирал медиумски интернет канал и група во која членувале и останатите пријавени лица. Во текот на 2025 и 2026 година, групата, според МВР, делувала како терористичка организација која јавно повикувала и поттикнувала создавање организација врз основа на идеологијата на терористичката организација „ИСИС“ и други идеолошки поврзани структури.
Во пријавата се наведува дека преку каналите биле споделувани идеолошки материјали со цел ширење пропаганда, идеолошка индоктринација и глорификација на терористи поврзани со „ИСИС“.
На 16 јуни 2026 година, со судска наредба биле извршени претреси на пет локации во Скопје. Три од претресите биле во Казнено-поправната установа „Затвор Идризово“, каде затворски казни издржуваат Ј.К. и Р.К., додека мерка притвор издржува Г.Т.
Претреси биле извршени и во домовите на Ј.М. и М.Т., при што биле пронајдени и одземени повеќе електронски уреди кои ќе бидат користени како доказен материјал во постапката.