Македонија

ВИДЕО Двојна роденденска прослава во Скопје ЗОО: Морските лавови Кан и Гете добија честитки од посетителите

ВИДЕО Двојна роденденска прослава во Скопје ЗОО: Морските лавови Кан и Гете добија честитки од посетителите

Празнична атмосфера денеска владееше во Скопската зоолошка градина, каде што беше одбележан двоен роденден на морските лавови Кан и Гете, едни од најомилените жители на ЗОО.

Од Зоолошката градина информираа дека Кан е роден на 16 јуни 2008 година во Хрватска, додека Гете е роден на 18 јуни 2018 година во Германија. По тој повод, вработените и посетителите им посакаа уште многу здрави, весели и разиграни години.

Морските лавови секојдневно привлекуваат голем број посетители, кои имаат можност одблизу да ги запознаат преку хранењата и медицинските тренинзи што се одржуваат во термините од 11 и 14 часот.

Од Скопје ЗОО посочуваат дека медицинските тренинзи претставуваат важен дел од нивната секојдневна грижа, бидејќи на негувателите и стручниот тим им овозможуваат редовно следење на здравствената состојба и однесувањето на животните.

Дополнително, секој петок, кога се врши чистење на нивниот базен, Кан и Гете уживаат во помалите базени исполнети со солена вода, додека нивниот простор се подготвува за нови активности и пливачки авантури.

Од Скопската зоолошка градина им упатија роденденски честитки на Кан и Гете, кои и понатаму остануваат меѓу најголемите атракции за посетителите од сите генерации.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни