Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервјуто за „Ноќно студио“ на „4ТВ“, ги образложи следните чекори од најавената реформа во Итната медицинска помош и дигитализацијата на системот. Како што најави тој, Македонија планира целосно да го преземе светскиот модел каде во екипите на Брзата помош веќе нема да работат лекари, туку специјално обучени парамедици, додека на граѓаните ќе им се овозможи самите да контролираат кој има пристап до нивните електронски досија.
Докторите заминуваат во болниците, Итната помош ја преземаат парамедици
Алиу потенцираше дека досегашниот модел во кој екипата на Итната помош е составена од лекар, медицинска сестра и возач е застарен и неефикасен, бидејќи возачот мора да биде фокусиран исклучиво на транспортот, а докторите се дефицитарен кадар кој е попотребен во болничкиот систем.
„Ништо не измислуваме од нула, туку едноставно превземаме добри практики од светот. Насекаде во развиените земји веќе не можете да видите доктор да работи во Брза помош. Таму работат парамедици, со завршени тригодишни студии, кои се специјално обучени за нудење здравствени услуги за прва помош и транспорт. Со воведувањето на парамедици кај нас, докторите ќе одат во јавните здравствени институции каде ќе се насочат кон специјализации и субспецијализации. Парамедиците ќе го менаџираат пациентот од дома или од сообраќајка до болницата, а таму веќе грижата ја преземаат лекарите“, објасни министерот.
Тој додаде дека токму затоа службата се издвојува во посебна, професионализирана институција, бидејќи новиот софтвер и дигитални решенија кои се воведуваат не се скапи од административен аспект, а нивната вредност е непроценлива доколку спасат макар еден човечки живот.
Пациентите сами ќе одлучуваат кој лекар смее да им го гледа досието
Говорејќи за дигиталната трансформација и безбедноста на Единствениот здравствен број на осигурување, Алиу нагласи дека приватноста на граѓаните е подигната на ниво на критична инфраструктура и дека секој податок ќе биде максимално заштитен од сајбер напади. Новиот систем ќе им овозможи на самите пациенти да управуваат со сопствената историја на болести.
„Правото на менаџирање на нашите здравствени податоци е само наше право и никој друг го нема. Новиот систем ќе му овозможи на секој пациент во реално време да види кој профил пристапувал до неговите податоци. Дури и кога одите кај матичен лекар, ќе имате опција да сокриете дел од податоците кои не сакате да бидат видливи. Можете да одберете тие податоци да ги гледате само вие и одреден специјалист, но не и сите останати доктори во системот“, дециден е Алиу.
Министерот подвлече дека процесот на дигитализација мора да се одвива чекор по чекор, без избрзување, за да не се дојде до губење на довербата на граѓаните, што би предизвикало контраефект. Како што заклучи тој, стабилноста на системот и 100-процентната сајбер безбедност се клучни за граѓаните да бидат сигурни дека нивните медицински податоци се само нивни.